Куќи покриени со снег – прекрасна глетка за очите, за која мораат да се потрудат покривите.

Што значи снегот за покривот
Куќи покриени со снег – прекрасна глетка за очите, за која мораат да се потрудат покривите.
Оваа зима за првпат по неколку години, особено во населените места на пониските подрачја во земјава, видовме убав снег. Идиличните зимски пејзажи ги преплавија и социјалните мрежи, каде што сите ја споделувавме среќата за снегот – и онаа на децата, но и нашата.
Сепак, за сликата од една куќа со снег да биде убава (и во живо, и на фотографија), покривот е тој што треба да го држи снегот и да биде способен да го носи товарот.
Во очекување на нови снегови оваа зима, во овој текст ги разгледуваме најважните работи за кои треба да бидете свесни кога станува збор за снегот и покривот.
Справување со тежината
Еден од најголемите предизвици што му ги носи снегот на покривот е големата дополнителна тежина. Имајќи предвид дека на 1 m2 може да се наталожи снег со тежина и до 300 kg, јасно е дека снегот претставува голем тест за издржливоста на покривот.
Изолација и енергетска ефикасност
Кога ќе се натрупа на покривот, снегот врши улога на изолатор. Снежната покривка станува бариера која помага во задржувањето на топлината во куќата. А тоа, секако, води кон енергетска ефикасност, односно кон намалување на трошоците за греење во зимските месеци.
Влијанието на материјалот на покривот
Различните материјали од кои е направен покривот различно реагираат на снегот. На пример, металните покриви му овозможуваат на снегот лесно да се лизга, додека покривот од природни глинени ќерамиди го „лепи“ снегот за себе и го држи подолго време. Особено ако е направен како системско решение, во кое се вклучени и задолжителните зимски додатоци, како што се снегобраните, држачите за летва, закопчувалките за сечени ќерамиди и држачите за капаци.
Спречување на неконтролирано паѓање
Решение за држењето на снегот подолго на покривот се снегобраните, кои се неодминлив составен дел на еден современ покрив. Снегобраните Tondach естетски се вклопуваат во изгледот и бојата на сите видови ќерамиди. Тие се грижат за задржување на снегот и го спречуваат неговото лизгање, кое може да уништи олуци, возила и други вредни работи кои ќе му се најдат на патот, а е и опасно по живот.
Формирање мразулци
Кога снегот се топи преку ден и повторно замрзнува ноќе, тоа може да предизвика формирање мразулци по должината на стреата и по олуците. Ова може да спречи водата да испарува како што треба, што може да доведе до протекување на покривот. Појавата на мразулците може да се избегне со поставување на соодветна изолација и вентилација на потпокривниот простор.
Редовно одржување
Чекањето на новиот бран зимски снег може да ви служи како потсетник за да го проверите покривот да не има некој недостаток. Темелно проверете да не има некоја скршена ќерамида, да не тече некаде или да не има некој проблем во конструкцијата. Превентивните мерки можат да ви помогнат да ги избегнете несаканите проблеми и скапите поправки што може да ги донесе новиот снег.
А, потоа, снегот слободно нека паѓа. Нека носи убавина и среќа, исти онакви какви што ни носи и домот – местото каде што е семејството и каде што се чувствуваме најубаво и најсигурно.