Дознајте колкава е најголемата глинена чинија некогаш направена, колку е поголема најголемата тула во светот од една обична, каде е направен најголемиот глинен сад за готвење и кој има најмногу различни глинени ѕвончиња во светот!

Дознајте колкава е најголемата глинена чинија некогаш направена, колку е поголема најголемата тула во светот од една обична, каде е направен најголемиот глинен сад за готвење и кој има најмногу различни глинени ѕвончиња во светот!
Со производите направени од глина сме опкружени насекаде. Ги користиме за готвење и за сервирање на храната, за украсување на ентериерот и екстериерот, ги има меѓу нашата козметика и средствата за одржување лична хигиена... а и во ѕидовите и покривите на нашите домови.
Како фирма посветена на изработка на градежни производи од природни материјали, знаеме дека глината е фантастичен материјал. Меѓутоа, сакајќи да дознаеме до каде оди човековата фантазија кога е во прашање глината, решивме да ѕирнеме во Гинисовата книга на рекорди.
1. Најголемата глинена чинија во светот била направена во Бејрут на 8 мај 2010 година. Тежела 4.320 килограми и имала дијаметар од 7,17 метри. Ја направиле двајца Либанци, кои во нејзината внатрешност вградиле и железна арматура за да може да ја издржи својата големина.
2. Најголемата глинена тула во светот е долга 2,94 метри, а висока и широка по 0,99 метри. Оваа грандиозна тула е околу 3.000 пати поголема од една стандардна тула, а е направена во 2007 година од фирма за изработка на градежни материјали во Тексас.
3. Најголемиот тапан направен од глина е висок 1,1 метар, има обем од 2,52 метри и бил направен од Индиецот Абдул Халим во 2015 година.
4. Најголемиот печен глинен сад за готвење e со димензии 3,5 х 7,5 метри и е направен во Боцвана пред две години. Го направил Ммала Оефиле, професор и уметник кој сакал со овој рекорд да го истакне значењето на глинените садови како дел од африканската кулинарска култура и како дел од уметничката традиција на украсување на глинените садови за готвење со традиционални шари. Планирањето и правењето на садот траело три години, а при неговата изработка се користеле два вида на глина – кафеава и црвена.
5. Казуо Тојама од Јапонија го држи Гинисовиот рекорд за поседување најмногу различни ѕвончиња од глина. Неговата колекција во 2010 година броела 16.040 ѕвончиња и сите тие се наоѓаат во Јапонскиот музеј на глинени ѕвончиња што тој го отворил во 1986 година, кога имал „само“ 10.000.
6. Најголемата колекција на глинени садови за готвење во светот оваа година стигнала до бројката од 76.168 садови и се наоѓа на Колеџот за уметност и на наука PSG во Индија.
7. Гинисовиот рекорд за најмногу луѓе кои моделираат глина во исто време е постигнат во Индија годинава, на 28 август. На настанот, кој бил дел од поголем религиозен фестивал, учествувале дури 3.308 ентузијасти кои од овој природен материјал правеле религиозни фигурини.
Листата од Гинисовата книга на рекорди продолжува со најдобри стрелачи на глинени фигури, првата глинимација (филмска анимација постигната со моделирање со глина), првиот автограм во светот впишан на глинена плочка итн., итн.
Со нашата македонска глина, колку што знаеме, досега немаме постигнато Гинисов рекорд. Но, затоа, од неа се направени и допрва ќе се прават уште многу ѕидови и покриви на домови низ земјата.
Свесни сме за квалитетот на нашата глина што ја ископуваме во околината на Виница. Од неа го правиме производот на кој сме најгорди: ќерамидата Винеам, создадена од и за употреба на нашето поднебје. И сигурни сме дека доколку во „Гинис“ постоеше категоријата најквалитетната македонска ќерамида во светот, Винеам ќе го држеше рекордот!
Контактирајте ги нашите претставници за продажба!
Најдете го дистрибутерот што ви е најблизу
Не ги пропуштајте најновите вести од нас