Купивте или наследивте куќа стара неколку децении и решивте од неа да направите свој дом? Ви честитаме! Старите куќи се исклучително скапоцени поради историјата и традицијата испишани во нив и на нив. А обично се и навистина квалитетни. Сите знаеме да кажеме дека порано куќите се правеле како што треба. Ѕидовите биле со соодветна дебелина, а просторот голем за да може во него комотно да живее поголемо семејство, па дури и повеќе семејства во едно.
И сега, кога една таква куќа имате за да уживате во животот заедно со семејството, сигурно се радувате и за можноста да ја средите и уредите по ваше. Во домот денес поминуваме повеќе време од кога и да е претходно, па долгото размислување за бојата на ѕидовите, мебелот и останатите детали во домот е и повеќе од разбирливо.
Сепак, пред да почнете со реновирање и уредување на внатрешниот простор на куќата, посветете внимание на функционалноста на куќата како објект. Во време кога енергетската криза нè тера да размислуваме како рационално да ја искористиме енергијата и што помалку да ја трошиме, проверете ја изолацијата на ѕидовите и околу прозорците. Исто така, можеби и материјалите на покривот се дотраени, па паметно е да проверите да не е за реновирање или санирање.