Ако прошетате низ некое наше село, каде што се зачувани постари куќи, лесно ќе забележите дека главните материјали од кои се изградени тие се природни: камен, дрво и, секако, глина.
.jpg)
Традицијата на употреба на глина во градењето на македонските куќи
Ако прошетате низ некое наше село, каде што се зачувани постари куќи, лесно ќе забележите дека главните материјали од кои се изградени тие се природни: камен, дрво и, секако, глина.
Од памтивек, уште од периодот кога го напуштил својот номадски начин на живеење, куќите биле најчестите објекти што ги градел човекот. Со текот на времето, градењето се развивало, но некои работи останале исти.
На територијата на која живееме денес, особено по селата низ Македонија, сè уште постојат куќи кои се граделе во 19 и 20 век, кои говорат за начинот на кој живееле и граделе луѓето.
Тоа се куќи кои располагале со простории во кои се живеело, се одржувал огнот и се чувал добитокот. Сè до 1912 година ѕидарите, па и другите мајстори слободно можеле да се движат низ целиот Балкан, така што тие меѓу себе пренесувале идеи, искуства, техники и начин на организација на градежната работа, па на овој широк простор биле воедначени формите и конструкциите на најголемиот дел од куќите што ги граделе.
Трите основни материјали кои се користеле за изградба на куќите биле камен, дрво и глина, со тоа што глината имала клучна важност за целиот објект. Тоа било така, затоа што глината се користела и како материјал за изградба, но и како материјал за сврзување на другите материјали.
Глината како клучен градежен материјал
Глината најчесто се ископувала во некое блиско наоѓалиште и се пренесувала на носилки до местото на градење на куќата. Пред употребата, таа се топела во вода и се чистела од ситни камчиња и други биолошки нечистотии.
За добро да се приготви, требало да се стави во претходно ископана дупка и да се налее со вода. Во водата отстојувала еден до два дена за да прими влага, затоа што се знаело дека таквата глина е „појака“.
Потоа, глината се газела, односно се гмечела со нозе, со што станувала леплива, пластична и споива.
Многуте намени на глината при градењето
Во времето кога за изградба на ѕидовите се користел претежно камен, вака подготвената глина се користела за поврзување на камењата и за пополнување на празнините што настанувале при редењето на камењата, за пополнување и зацврстување на плетените ѕидови и за премачкување на внатрешните ѕидови.
Од глина се правела и облогата за таванот. Таваните имале дрвена конструкција цврсто поврзана со ѕидовите, на која се поставувала трска, која се облепувала со глина. Исто така, глината долго време се користела и за правење на подовите во куќите, познати како земјени подови.
Од глина се изработувале и огништа и печки, а и многу други работи потребни во домаќинството.
Глината се користела и за изработка на скали, обично за надворешните. Овие скали се правеле со помош на дрвена рамка, која се полнела со плитар (мешавина од глина, песок и вода) и одозгора се поплочувале со камења.
Изработка на глинени производи за градба
Глината служела за спојување и за облепување (малтер), но и како суровина за изработка на тули и ќерамиди.
Првите тули кои се изработувале од глина се изработувале од глина со примеси од сечени сламки или плева. Тие се правеле во специјални дрвени калапи и не се печеле, туку се сушеле на сонце од две до три недели. Во ѕидот се поврзувале со разредена масна глина и од надворешната страна на ѕидовите често останувала непечената тула да се гледа. Овој вид тули бил во општа употреба на преминот од 19 во 20 век.
Потоа, почнале да се појавуваат и мали туларници, каде што се печеле тули. Интересно е што низ земјава имало вакви туларници „за еднократна употреба“, во кои наеднаш можело да се стават и до 5.000 парчиња тули, но тие се затворале речиси целосно за да може да се постигне толку висока температура за печење на тулите, па на крај, за да се извадат тулите, туларницата морала да биде срушена.
Исто како тулите, се изработувале и ќерамиди. За нивната подготовка глината се подготвувала повнимателно. Ќерамидите се изработувале во специјални дрвени калапи, поради што се добивала познатата стара заоблена форма на ќерамидите. Бидејќи ќерамидите треба да бидат печени на повисока температура од тулите, температурата при печењето ја зголемувале со додавање буково дрво, со што се добивале јаки ќерамиди со карактеристична црвена боја.
Глината, како природен градежен материјал, има длабоки корени и играла клучна улога во традиционалната архитектура на Македонија. Покрај тоа што луѓето знаеле за енергетската ефикасност на овој материјал за градење, во исто време таа е и симбол на врската меѓу човекот и природата.
Контактирајте не слободно и со доверба. Ние сме отворени за соработка! :)