Зошто скандинавскиот стил на уредување на домот и дворот го освои светот?
Зошто скандинавскиот стил на уредување на домот и дворот го освои светот?
Кога ќе се спомне зборот „скандинавско“ првата асоцијација ни е дека станува збор за нешто далечно и ладно, кое не може да се спои со нашата средина. Меѓутоа, трендовите на внатрешно уредување во изминатите деценија-две се под големо влијание на скандинавскиот стил и на голема врата на голема врата влегуваат и кај нас.
Една од причините за тоа е брзината на денешниот живот, која е заедничка за модерните општества и која на луѓето им ја зголемува потребата за визуелен мир. А скандинавската естетика е олицетворение токму на тој визуелен мир – таа обединува практичност, минимализам и блискост со природата.
Скандинавскиот дизајн на ентериер води потекло од Шведска, Данска и Норвешка. Фокусиран е на отстранување на вишоците од домот, при што акцентот е ставен на удобноста, светлината и чувството на топлина.
Наместо пренатрупаност, скандинавскиот пристап го остава просторот бескрајно да дише, а тоа во практика се постигнува со употреба на лесни материјали и пастелни бои.
Главни елементи и детали на домовите уредени во скандинавски стил се следниве:
1. Доминација на бело. Белата е најомилената скандинавска боја, така што ова е боја што доминира во просторот, која како одраз на природната светлина, просторот го прави визуелно поголем и посветол. Боите со кои се комбинира се светлосиви, беж и пастелни тонови.
2. Природни материјали. Лесните материјали што ги спомнавме погоре се, всушност, природни материјали како светлите видови на дрво (бор, даб), ленот, памукот и волната. Тие се користат во изработката на мебелот, како и во декорацијата, при што носат топли текстури во просторот.
3. Минимализам со душа. Ако сакате домот да го уредите во скандинавски стил, треба да се откажете од непотребните украси. Внимателно избраните парчиња мебел и минималистичките декоративни елементи (како огледала, стилски ламби, рачно изработени вазни, едноставни полици и сл.) секогаш првично имаат функционална вредност.
4. Хиге. Концептот на хиге по потекло е од Данска и во суштина не може да се преведе со еден збор на македонски. Станува збор за „удобност на душата“ или чувство на топлина, задоволство и домашна атмосфера, во друштво на блиски луѓе или во пријатна средина. Иако хиге најчесто се поврзува со студените месеци (зимска вечер, врне снег, а ти си дома, покрај свеќи, со книга во рака, под ќебе и пиеш чај), постои и „летно хиге“ кога домашните мириси и катчиња за релаксација се преселуваат надвор (на пример, читаш книга на лежалката во сенката на најголемото дрво во дворот, ветрето те гали, пиеш ладна домашна лимонада и јадеш лубеница).
Скандинавската хармонија не завршува на прагот на домот. Таа се пренесува и надвор, со тоа што дворот станува природно продолжение на домот.
Дворот уреден во скандинавски стил се одликува со јасни линии и практични простори – минималистички летниковци за седење, чисти поплочени патеки, дрвени лежалки за читање и дрвени маси за јадење надвор. За постигнување на целосен ефект на овој стил, ниските тревните површини се разбиваат со засадување локални дрвја, цвеќиња и растенија.
Боите и материјалите се повторуваат – и тука како и во ентериерот преовладува светлото дрво и белата боја, а честопати се користат стаклени лизгачки врати или прозорци од подот до таванот, со цел визуелно да се избрише границата меѓу внатрешниот и надворешниот простор.
Овој континуитет создава чувство на поврзаност, хармонија и рамнотежа, кое се прелева низ целиот дом. А домот уреден во скандинавски стил е одраз на една животна филозофија којашто нè повикува да живееме побавно, поедноставно и во хармонија – со себе, со другите и со природата.
Контактирајте ги нашите комерцијални претставници
Пронајдете го дистрибутерот што ви е најблизу
Не пропуштајте ги нашите промоции и новитети