Корица

Македонски обичаи поврзани со градењето куќа

Градењето куќа е голем настан за целото семејство. Сите членови на семејството, директно или индиректно учествуваат во него и се грижат куќата да излезе како што треба.

Оваа грижа во минатото вклучувала и многу обичаи, кои со текот на времето се проретчиле, но дел од нив се сè уште живи и говорат за нашата богата културна традиција.

 

Потрагата по старите обичаи на Македонците поврзани со градењето куќа, нè одведе во библиотеката на Институтот за етнологија и антропологија. Оттаму дознавме дека градењето било покриено со обичаи од најниската точка на куќата, темелите, па сè до највисоката – покривот. Односно, тие почнувале уште со изборот на местото за градење, а завршувале со вселувањето во куќата.

 

Ви ги пренесуваме најраспространетите обичаи меѓу населението на територијата на Македонија поврзани со овој голем семеен потфат.

Место што гледа кон сонцето

За добро место за градба се сметало место што е во заветрина, свртено кон југ и подалеку од пат. Секако, сонцето, како еден од главните извори на живот, било најважно, па и Цепенков запишал: „Куќа што не а видуа сонце, еќимо ќе а видуа“.

Куќа никогаш не се градела во близина или на место на гробишта, на црковно место или на место каде што имало плодно дрво, од почит кон божественото и природата. Во периодот кога се избирало местото, домашните со нетрпение ги чекале соништата за во нив да видат добри или лоши знаци за изборот на локацијата. 

Понеделник, недела или четврток – за почеток

Во различни краишта од земјата различен ден се сметал за најпогоден за почеток на градбата. Меѓутоа, најраспространети биле верувањата дека понеделник, недела или четврток се добри денови за почнување, а вторник и петок опасни. Исто така, се внимавало и да се почне на месечина што расте или на полна месечина, бидејќи луѓето во месечината гледале живо суштество што го одредува ритамот на животот. 

 

Поставување и чување на темелите

Копањето на темелите на куќата најчесто почнувало во рани зори, кога првиот камен ќе се поставел на исток. Работата ја почнувал главниот мајстор, домаќинот трипати удирал на првиот камен и фрлал сребрена или златна пара на земјата, а домаќинката ја дарувала тајфата со чорапи.

Кога ќе се ископал темелот, се викал поп и сите пријатели и соседи присуствувале на осветувањето. Темелите се копале за да се завршат истиот ден, па дури и ако требало помош од бесплатна работна сила, ангарија. При копањето, сите барале да здогледаат црвче или мравка, со што се сметало дека местото било добро одбрано, затоа што на него има живот. 

Приложување курбан за отпочнување со градбата

Жртвувањето животно, односно курбан, е долга паганска традиција, која во некои краишта е задржана и до ден-денес. Причината зошто во темелите се колело јагне, овен, коза или кокошка е што луѓето верувале дека дарувајќи им животно на боговите, за возврат од нив ќе добиеле безбеден дом, среќа и бериќет.

За истата цел, во темелите се ставало и цвеќе, метални пари а понекогаш и мали шишенца со пораки, како и жито, пченица, ʼрж, јачмен. Се ставало и ориз или бело волнено клопче за во куќата да се раѓаат деца. 

Потковица и година на градење

Луѓето отсекогаш негувале обичаи за поставување симболи на куќите што ги граделе. Еден од најраспространетите е потковицата, која се поставувала во положбата во која била најдена и нејзината цел била заштита на куќата. Исто така, стар обичај е и испишувањето на годината кога се гради куќата, која порано се клесала во камен што се вградувал на крајот на ѕидот на челната фасада. 

Поставување на чатијата

Со поставување на завршната хоризонтална греда на највисоката точка од покривната конструкција (чатијата), симболично се означувал завршниот дел од градбата. Мајсторите вревеле чукајќи по гредите, по што почнувале да доаѓаат пријателите и луѓе кои планирале да градат куќа со подароци за мајсторите. Истиот ден се подготвувал ручек за присутните, мајсторите и семејството, кој бил познат како втора гозба, најголемата по удирањето на темелите и пред завршувањето на куќата.

Влегување и чување на куќата
© Стара македонска куќа во с. Доленци. Извор: Wikipedia
© Стара македонска куќа во с. Доленци. Извор: Wikipedia
Влегување и чување на куќата

Откако куќата ќе се завршела, влегувањето во неа бил свечен чин за кој се викал поп, кој со темјан и светена вода ја осветувал секоја просторија. Се внимавало вселувањето да биде во зори, на полна месечина. Први во куќата влегувале домаќинот и домаќинката и тоа со десна нога. Имало обичаи кога тоа го правело и мало дете кое има и мајка и татко, кое влегувало и го палело огнот, затоа што огнот бил најважен при влегувањето во новата куќа и жената имала обврска цел ден и цела следна ноќ да го чува да не згасне.  

Првата вечер се викале најблиските од семејството и соселаните на вечера во добро расположение за т.н. пречувување.

Првото утро откако ќе преспиеле во новата куќа, домашните ја опашувале со конец и со катран правеле крст на една ќерамида. Следниот ден конецот заедно со крстот се ваделе и се ставале под ќерамида. 

Интересно е што сите истражувања на обичаите поврзани со градењето куќа покажуваат дека македонскиот народ голем дел од овие обичаи ги знае и ги негува.

Пренесувани од колено на колено, особено во помалите средини, овие обичаи и ден-денес им служат на луѓето за означување на големината на овој зафат за целото семејство и за заштита од сè лошо што може да ги снајде куќата и домот. 

Корисни објави

RO_MKT_Contact Hero

Имате дополнителни прашања?

Контактирајте не слободно и со доверба. Ние сме отворени за соработка! :)

Продажба